Имената на победниците ќе почнат да се објавуваат следната седмица за време на преносите на плејофот, а започнуваат од понеделник, кога ќе биде прогласен најдобриот дефанзивен играч на годината.
Ѕвездата на Сан Антонио Спарс, Виктор Вембанјама, кој е веќе трета година во лигата, за првпат е номиниран за најкорисен играч на НБА лигата заедно со Никола Јокиќ од Денвер Нагетс и Шај Гилџес-Александер од Оклахома Сити Тандер, објави лигата во неделата. Лигата ги објави финалистите за титулата MVP, заедно со останатите финалисти за сезоната 2025/26, за време на преносот на првата плејоф-утакмица на Орландо Меџик против Детроит Пистонс на NBC.
Вембанјама, кој е исто така финалист за најдобар дефанзивен играч на годината, во просек постигнуваше 25 поени и имаше 11,5 скокови, што е негово најдобро достигнување во кариерата, додека ја предводеше лигата со 3,1 блокада по натпревар. Ако биде прогласен за најкорисен играч, ќе стане најмладиот MVP во историјата на лигата на 22 години, што е неколку месеци помлад од Дерик Роуз, кој ја освои таа титула во сезоната 2010/2011.
Неговите конкуренти за престижната титула се последните два MVP на лигата – Гилџес-Александер кој има просек од 31,1 поен, 6,6 асистенции и 4,3 скокови по натпревар, и Јокиќ, чиј просек е 27,7 поени, 12,9 скокови и 10,7 асистенции по меч.
Аузар Томпсон од Детроит и Чет Холмгрен од Оклахома Сити се останатите два финалисти за наградата за најдобар дефанзивен играч на лигата, за која што Вембанјама е голем фаворит.
Три од првите четири избора на последниот драфт се финалисти за наградата за новајлија на годината. Првиот избор Купер Флег од Далас (21,0 поени, 6,7 скока, 4,5 асистенции и 1,2 украдени топки по натпревар), третиот избор ВЈ Еџкомб од Филаделфија (16,0 поени, 5,6 скока, 4,2 асистенции по натпревар) и четвртиот избор Кон Кнупел од Шарлот (18,5 поени, 5,3 скока, 3,4 асистенции) ќе се борат за титулата најдобар новичок.
Никеил Александер-Вокер од Атланта, Дени Авдија од Портланд и Џејлен Дуран од Детроит се тројцата финалисти за најмногу напреднат играч. Во својата прва сезона во Атланта, Александер-Вокер во просек постигнуваше 20,8 поени – 9,8 повеќе од која било од неговите претходни шест сезони. Авдија имаше просек од 24,2 поени, што е негов личен рекорд, а Дуран, кој оваа година за првпат беше избран во Ол-Стар тимот, постигнуваше 19,5 поени, што е значително повеќе од 11,8-те кои ги имаше минатата сезона.
Тим Хардауеј Јр. од Нагетс, Хаиме Хакез Јр. од Мајами и Келдон Џонсон од Сан Антонио се финалисти за најдобар шести играч на годината.
Ентони Едвардс од Минесота, Џамал Мари и Гилџес-Александер од Денвер се финалисти за наградата “Clutch” играч на годината. Било кој од нив би ја добил за првпат наградата, која оваа година ќе биде доделена четврти пат.
Тројца тренери од двете најдобро рангирани тимови се прогласени за финалисти за тренер на годината: Џ. Б. Бикерстаф од Детроит, Мич Џонсон од Сан Антонио и Џо Мазула од Бостон.
Имената на победниците ќе почнат да се објавуваат следната седмица за време на преносите на плејофот, а започнуваат од понеделник, кога ќе биде прогласен најдобриот дефанзивен играч на годината; во вторник ќе биде прогласен најдобриот “Clutch” играч; во среда најдобриот шести играч и во петок играчот кој најмногу напреднал.
Финалисти за наградите на НБА
MVP: Шај Гилџес-Александер (Оклахома Сити) Никола Јокиќ (Денвер) Виктор Вембанјама (Сан Антонио)
Новајлија: ВЈ Еџкомб (Филаделфија) Купер Флег (Далас) Кон Кнупел (Шарлот)
Дефанзивен играч: Чет Холмгрен (Оклахома Сити) Аузар Томпсон (Детроит) Виктор Вембанјама (Сан Антонио)
Најмногу напреднат играч: Никеил Александер-Вокер (Атланта) Дени Авдија (Портланд) Џејлен Дуран (Детроит)